Диего Симеоне се соочува со огромни проблеми околу составот на Атлетико Мадрид за претстојниот меч во Примера дивизион, во кој „јорганџиите“ ќе се сретнат со Барселона. Евентуален триумф би го искачил Атлетико на првото место на табелата, но аргентинскиот стратег ќе мора да експериментира со составот откако сите централни дефанзивци му се пожалија за повреди.
Хозе Хименез е повреден веќе подолго време, Стефан Савиќ петнаесетина дена е надвор од тимот, но би можел да се врати навреме за дуелот со Барса, додека Лукас Фернандез исто така неодамна заработи незгодна повреда. Диего Годин го постигна голот за победа против Атлетик Билбао, и тоа откако Уругваецот реши да остане на теренот иако имаше повреда на мускулот.
„Немавме право на замени и решив да останам и да стојам во мешаницата. Се покажа како добар потег, дадов гол за победа, но сега ќе морам да паузирам. Си го познавам телото, имам истегнат мускул и паузата ќе изнесува меѓу 20 и 30 дена“ – истакна Годин.
Останува да се види за каков експеримент би се решил Симеоне за да го запре најдобриот напад во Примера, во ситуација кога четирите клучни одбранбени фудбалери најверојатно нема да му бидат на располагање за претстојното дерби.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА