Иднината на Кевин де Бруине во Манчестер Сити е доведена во прашање откако белгискиот плејмејкер ги прекинал преговорите за нов договор, навреден од понудата што ја добил за да остане во таборот на „граѓаните“. Белгиецот моментно заработува 280.000 фунти неделно и очекувал зголемување од најмалку 30%, но останал навреден кога управата на Манчестер му понудила речиси идентична плата на онаа во моментов.
„Граѓаните“ тврделе дека во време на коронавирус немаат средства за зголемување на буџетот на плати, па Де Бруине би останал втор најплатен играч во тимот, зад Рахим Стерлинг, кој моментно заработува 300.000 фунти неделно. Ставот на фудбалерот е јасен, кога веќе е избран за најдобар фудбалер во Премиер-лигата за ланската сезона, заслужува да биде платен како таков. Згора на тоа, клуб со финансиски проблеми како Арсенал пред два месеци му даде нов договор на Обамејанг вреден 350.000 фунти неделна плата, па Де Бруине не сака ни да чуе за помала сума од онаа што ја доби Габонецот.
Ако има добра околност за Сити, тоа е што овој фудбалер има уште две и пол години од актуелниот договор, па „граѓаните“ немаат ризик да мораат да бидат принудени во скоро време да го продадат. Сепак, јасно е дека наскоро ќе мора да најдат финансиски средства за да ги задоволат неговите барања, да не ризикуваат да останат без својот најдобар фудбалер.
Најплатен фудбалер во Премиер-лигата е голманот на Манчестер Јунајтед, Давид де Хеа, со плата од 375.000 фунти неделно.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

