Рафаел Леао се повреди на последниот дуел со Лацио, поради што португалскиот интернационалец е крајно неизвесен за настап на вечерашниот меч од полуфиналето на ЛШ против Интер.
Тренерот Пиоли најави дека буквално во „пет до дванаесет“ ќе ја донесе конечната одлука околу настапот на крилниот офанзивец, а повеќе од јасно е дека од тоа дали Леао ќе биде во тимот или не ќе зависи и конечниот исход на овој двомеч. Потврда за тоа е и традицијата која вели дека во последните две сезони „росонерите“ настапиле на пет натпревари без Леао, при што успеале да постигнат само по еден погодок.
Португалецот сезонава пропушти два натпревари поради суспензија, при што „росонерите“ претрпеа два порази. Покрај тоа, Леао доби одмор на дел од последните домашни средби и не беше стартер против Емполи и Кремонезе, дуели на кои Милан не стигна до посакуваниот цел плен.
Оваа традиција се пренесува од лани, кога Рафаел Леао пропушти три натпревари на Милан, при што неговиот тим забележа само една победа. Тој не беше во тимот ниту на клучниот меч од ЛШ, на домашен терен против Ливерпул ланската сезона, на кој „росонерите“ претрпеа пораз и беа елиминирани од елитното европско натпреварување.
Традициите постојат за да бидат уривани, но јасно е дека Милан со Леао и без Леао се два сосема различни тима, а ако Португалецот не биде во можност да настапи вечерва, со тоа значително ќе ја олесни задачата за фудбалерите на Интер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА