Проблем во најава: Наполи не сака да го пушти Елмас!

Елиф Елмас поради коронавирус не настапи на полуфиналниот дуел од Лигата на Нации против Косово, а сега постои сериозна опасност тој да не може да игра ниту во големото финале против Грузија. Проблем е ставот на неговиот клуб Наполи, кој размислува да не им дозволи на фудбалерите кои се репрезентативци во своите земји да ја напуштат Италија за време на ноемврискиот прозорец на ФИФА.

Темата прв ја почна директорот на Интер, Џузепе Марота, а денеска гласно на истата се надоврза и спортскиот директор на Наполи, Кристијано Џунтоли.

„Ова е крајно деликатен период за сите и воопшто не е паметно фудбалерите да патуваат по различни земји ширум Европа. Најдобро за сите е тие да останат во Неапол“, изјави Џунтоли за весникот „Ил Матино“.

Истиот весник тврди дека претседателот Де Лаурентис веќе почнал да прави притисок во ФИФА и УЕФА за да му биде дозволено да изведе ваков маневар, каков што минатиот месец направи Вердер Бремен, не ослободувајќи го Рашица да игра за Косово против Македонија.

„Проблем претставува фактот дека фудбалерите ќе патуваат, ќе си го ризикуваат здравјето, но најмногу од се главоболки на клубовите им задаваат најновите протоколи во Италија, според кои играчи како Елиф Елмас по враќањето назад во земјата ќе мора да минат најмалку пет дена во самоизолација“, пишува „Ил Матино“.

Се вчитува...