Голема е веројатноста дека Баерн Минхен до крајот на годината нема да може да смета на услугите на најдобриот стрелец на Бундеслигата, капитенот на англиската репрезентација Хари Кејн кој заработи повреда во саботното германско дерби против Борусија Дортмунд.
Кејн се пожалил на повреда на бутниот мускул, а по деталните прегледи утврдено е дека не станува збор за лесна повреда и рехабилитацијата би можела да се одвива до крајот на месец декември. Тоа го потврди и неговиот тренер Винсент Компани.
„Секогаш е тешко да кажеме со сигурност. Постои шанса одново да заигра оваа година, но сигурно ќе пропушти неколку натпревари“, изјави Компани.
Кејн со сигурност го пропушта натпреварот од 3. коло во Купот на Германија против бранителот на трофејот Баер Леверкузен. До крајот на годината баварците ги очекуваат уште четири средби од кои три во Бундеслигата и една во Лигата на Шампиони.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА