Проблем за Гвардиола: Сити добива забрана за трансфери?

Пеп Гвардиола веќе разгледува неколку опции за засилувања во летниот преоден рок, управата му обезбеди над 100 милиони фунти за нови фудбалери, но лесно може да се случи Манчестер сити да добие забрана за трансфери и да не смее да носи нови играчи најмалку во еден преоден рок.

Причина за ова е транферот на Аргентинецот Бенџамин Гареа, за кој англискиот првак се наоѓа на суд со Велез Сарсфилд. Фудбалерот пристигна во Манчестер во 2016 година на 16-годишна возраст, ФИФА даде зелено светло, но Аргентинците се жалеа на спортскиот суд ЦАС посочувајќи дека правилото дека играчи можат да менуваат клубовите и пред 18-годишна возраст важи само за Европа, не и за Јужна Америка.

Раководството на Велез е убедено дека ЦАС ќе донесе позитивна пресуда, која се очекува во текот на оваа седмица, што би значело и забрана за трансфери во летниот, а можеби и во зимскиот преоден рок во 2019 година.

Ова сигурно би ги замрсило сметките на Пеп Гвардиола, кој се надеваше дека ќе може дополнително да го засили својот дрим-тим, за догодина да ја продолжи доминацијата на англиската фудбалска сцена, но и да го нападне трофејот во Лигата на шампионите.

Се вчитува...