Манчестер сити скапо ја плати последната победа во Лестер, откако Џон Стоунс заработи незгодна повреда поради која ќе мора да отсуствува најмалку еден месец од фудбалските терени. Пеп Гвардиола на денешната прес-конференција пред дуелот од ЛШ со Феенорд обелодени дека повредата на дефанзивецот воопшто не е наивна, па во следниот период стратегот на Сити ќе има проблем со составување на дефанзивната линија.
„Стоунс има проблем со мускулот. Предвидената пауза е меѓу еден месец и шест седмици, се надеваме дека што поскоро ќе го имаме на располагање“ – изјави Гвардиола.
Англискиот репрезентативец ќе пропушти низа значајни натпревари на својот тим, вклучувајќи ги тука и градското дерби со Манчестер јунајтед на 10 декември и дуелот со Тотенхем закажан за 16 декември. Капитенот Компани штотуку се врати по својата пауза од повредата, а доколку и тој не е подготвен за играње на натпревари во серија, Гвардиола ќе биде принуден да му даде шанса на Мангала, крај Отаменди кој ќе остане предводник на одбраната на „граѓаните“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА