Проблем за Јунајтед: Спортинг не го пушта Аморим до репрезентативната пауза

Трансферот на Рубен Аморим од клупата на Спортинг Лисабон на кормилото на Манчестер Јунајтед е веќе завршена работа, но сепак нема да се случи така брзо како што се надеваат челниците на англискиот гигант.

„Црвените ѓаволи“ сакаа Аморим да дојде на потпис и промоција во наредните 48 часа, но тоа нема да се случи поради инсистирањето на Спортинг овој стручњак да остане уште десетина дена на клупата на португалскиот првак. Клаузулата од 10 милиони евра ќе биде без проблем платена од страна на раководството на Манчестер Јунајтед, но во договорот со клаузулата стои и дека Спортинг има 30 дена да го задржи Аморим, се додека не најде соодветна замена.

Како што информираат португалските медиуми, раководството на Спортинг е подготвено да го намали овој временски период, но инсистира Аморим да остане уште десетина дена.

Конкретно, желба на португалскиот првак е тренерот да го води тимот против Амадора, Манчестер Сити и на дербито со Брага, по што на почетокот од репрезентативната пауза Аморим ќе може да се спакува и да замине за Манчестер.

Во овој период португалскиот шампион ќе може и да го договори наследникот на трофејниот стратег, а Јунајтед во меѓувреме најверојатно ќе го задржи Ван Нистелрој како привремена опција додека Аморим и дефинитивно не се пресели на „Олд Трафорд“.

Се вчитува...