Проблем за Киелце – се повреди Алекс Душебајев

Киелце во клучниот дел од сезоната се соочи со огромен проблем, откако Алекс Душебајев заработи незгодна повреда на ногата во финишот од последниот меч во Лигата на Шампионите против Берлин.

Десниот бек остана да лежи на теренот и веднаш стана јасно дека проблемот не е наивен – што беше потврдено и со деталните лекарски прегледи по враќањето во Полска. Киелце утрово преку клупско соопштение објави дека станува збор за кинење на мускулни влакна во пределот на бицепсот на ногата, за што препорачаната пауза изнесува најмалку шест седмици.

Ова е огромен удар во пресрет на големото дерби со Висла Плоцк, кое поради повреда на скочниот зглоб ќе го пропушти и Дилан Наи.

Во таборот на Киелце се оптимисти дека Душебајев би се вратил за нокаут-фазата од Лигата на Шампионите и би играл во клучниот дел од сезоната, пред летово и дефинитивно да го напушти клубот и да се пресели во бундеслигашот Гумерсбах.

Се вчитува...