Челси освои само еден од можните шест бода по првитге две кола од новата сезона во Премиер-лигата, а од ден на ден се поголеми се и проблемите што Маурицио Покетино ги има со повредите на стандардните првотимци.
Најдобриот напаѓач Нкунку се повреди пред стартот на сезоната и ќе отсуствува неколку месеци, додека најскапиот дефанзивец Весли Фофана ќе биде долго „во аут“ по кинењето на лигаменти во коленото. Покрај тоа, во првото коло против Ливерпул се повреди и капитенот Рис Џејмс. Проблемите се продлабочија во втората рунда, откако на дуелот со Вест Хем незгодна повреда заработи Карни Чуквуемека. Младиот 19-годишен офанзивец го постигна единствениот гол за Челси на мечот, но десетина минути подоцна мораше да биде заменет поради проблеми со коленото.
Челси денеска и официјално потврди дека проблемот не е наивен и дека Чуквуемека морал да биде опериран, поради што ќе следи пауза од најмалку шест седмици од терените.
Останува да се види дали овие проблеми ќе придонесат „сините“ од Лондон да продолжат со трошење на пари на нови трансфери, иако во последните три преодни рока, откако Тод Боели застана на чело на Челси, овој клуб веќе потроши над една милијарда евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

