Проблеми во македонската одбрана пред мечот со Англија: Муслиу суспендиран, Велковски неизвесен

И онака големите проблеми во одбраната на Македонија со малата минутажа на дел од играчите дополнително се зголемуваат пред пресметката со Англија во понеделник на „Олд Трафорд“ во рамките од квалификациите за пласман на ЕП 2024 година.Селекторот Благоја Милевски нема да смета на суспендираниот Висар Муслиу кој на мечот со Украина доби црвен картон, а сега проблем е и Дарко Велковски, кој се очекуваше да игра во стартните 11 на „Олд Трафорд“.

Меѓутоа Велковски е крајно неизвесен за пресметката со Англија, со оглед дека поради настинка го пропушти денешниот тренинг на националниот тим. Останува да се види дали во овие два дена Велковски ќе може да се опорави и да биде со нашата селекција во Англија. Доколку не може, на Милевски ќе му остане да бида кој ќе му биде партнер на Ѓоко Зајков во стоперската линија: Никола Серафимов, Егзон Бејтулаи или Јован Манев.

Отсуството на Муслиу и евентуално на Велковски и тоа како ќе биде голем хендикеп во пресметката со главниот фаворит во групата и тоа на гостински терен. Англија досега знае само за победи во квалификациите, очекувајќи и во понеделник нови три бода. Македонија досега има една победа и еден пораз во квалификациите.

Македонскиот национален тим денеска попладне заминува во Манчестер, каде утре ќе го одржи официјалниот тренинг. Натпреварот со Англија е во понеделник во 20:45 часот.

Се вчитува...