Второлигашот Охрид очигледно се соочува со сериозни проблеми веднаш на крајот на сезоната, по која охриѓани одлучуваат како да се продолжи понатаму низ новата сезона во желбата за враќање на прволигашката сцена.
ГФК Охрид изминативе три години е воден од двете најголеми легенди на клубот, Данчо Целески и Гоце Толески, кои по крајот на сезоната наидоа на критики од дел од фудбалската јавност во градот, поради што првиот човек преку отворено писмо се одлучи да им одговори на „душегрижниците“.
„Дојдов пред две и пол години заедно со Гоце Толески кога бевме последни на табела со 4 бода, и освоивме уште три, вкупно 7 во распаднат клуб без играчи, илјадници евра долг и без скршен денар на сметка. Од Охрид беа 2-3 играчи а другите од страна. КАПИТЕНИТЕ избегаа среде првенство! Но, на крај ОПСТАНАВМЕ во лига. Како? Само јас и Гоце Толески, ЗНАЕМЕ! Јас се вратив во клубот со желба да овозможам младите фудбалери од Охрид да добијат можност да играат“ – вели меѓу другото Целески притоа набројувајќи ги имињата на сите млади фудбалери кои изминативе години беа дел од клубот, развивајќи свои кариера.
„Во клубов подолг период беа и следниве наши охридски играчи кои ние ги донесовме, а кои не успеаја да се изборат за првотимски статус – Тео Сиљаноски, Дамјан Ќосески, Михаил Ристески, Алек Ѓоргиески, можеби некого испуштив. Ако ова не се доволно охридски играчи во клубот, јас не знам кога имало повеќе охридски играчи во историјата на клубот. Со младинските екипи обезбедивме пласман во Прва лига. Обезбедивме услови за тренинг НАЈДОБРИ во Македонија – нови соблекувални, опрема, терени како тепих, РЕДОВНА плата како НИКОГАШ досега!!! Тренерите лично од МЕНЕ и ГОЦЕ добиваа задача да даваат што повеќе можност на ОХРИДСКИ деца за настап! НИКОГАШ не сум се мешал во составување на тим. Ако е спротивно од ова што го тврдам, нека ме демантира АЦЕ ТОЛЕСКИ, кој ја имаше мојата комплетна поддршка во текот на првенството“.
Според Целески, целиот проблем сега е создаден од страна на незадоволните фудбалери во клубот и нивните родители кои не успеале да се изборат за првотимски статус.
„Е сега се случува една работа: Им сметаме на еден дел од родители чии деца не успеаја да се наметнат, а добиваа редовно шанса. Во една приказна и магарето сакало да лета…ама… Смоковци, Сиљановци.. и некои други, се редовни го.нојадци. Нивните деца сменија клубови, но никаде не заиграа! Нашата работа беше да го стабилизираме клубот, и тоа повеќе од успешно го направивме. ГФК Охрид троши средства многу повеќе од она што го добива од локалната самоуправа, а НЕ ДОЛЖИ никому! Како, тоа е уметност наша! Сега велам: нека дојде некој да инвестира плус пари, барем 30% повеќе од буџетот што го имаме од општина, ЈАС ќе си заминам истот момент! Мислам дека ова е доволно објаснување, дури и прешироко. Затоа што паметните луѓе се разбираат со два збора и со РАБОТА! За мене секогаш ФК ОХРИД е на прво место!“ – вели Целески.
Претходно, пак, од ГФК Охрид информираа дека се разделуваат со тренерот Аце Толески, а наскоро треба да биде именуван и новиот шеф на стручен штаб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА