Проблеми во „рајот“: Хенес пак ги влече конците – Баерн го брка спортскиот директор

Баерн Минхен се наоѓа на чекор до нова титула во Бундес-лигата, баварскиот гигант се пласираше и во четвртфиналето од Лигата на Шампионите, но германските медиуми најавуваат „земјотрес“ на „Алијанц Арена“ поради битката за власт што се води со месеци наназад во овој клуб. Според најавите од Германија, главна „жртва“ се очекува да биде Макс Еберл, кој на крајот од сезонава ќе мора да ја напушти функцијата спортски директор на баварскиот гигант.

Баерн долго време се обидуваше да го доведе Еберл на оваа функција, уште кога тој беше дел од Борусија Менхенгладбах, за на крајот дури и да плати отштета за да го ангажира од Лајпциг. Сепак, конфликтите што тој ги имаше во изминатиот период со Ули Хенес придонесоа бордот на директори целосно да ја загуби довербата во Еберл и сега се погласно се дискутира за носење на нов спортски директор во Баерн.

Хенес повеќе нема функција во клубот, но легендата важи за „сива еминенција“ во Баерн чиј глас не само што се слуша, туку „добронамерните совети“ секогаш треба да се спроведуваат во дело. Еберл во изминатиот период реши самиот да носи одлуки, па „опозицијата“ предводена од Хенес и од Румениге се наврати на сите негови грешки во работењето.

Како „гревови“ на директорот му се земаат промашените трансфери на Палиња (51 милион евра) и на Саша Бои (30 милиони), додека не успеа да доведе врвни имиња како Дани Олмо, Чави Симонс, Дезире Дуе… Исто така, на Еберл се гледа како на главен виновник за фијаското минатото лето, кога Баерн се мачеше да најде тренер, а директорот не успеа да ги убеди првите три опции (Чаби Алонсо, Јулијан Нагелсман и Ралф Рангник) за на крајот да го избере Винсан Компани.

Највисокото раководство на Баерн има замерки и околу водењето на преговори за продолжување на соработката со Мусиала, Кимих и со Дејвис. Иако триото се обврза на долгорочна верност, тоа се случило дури откако Надзорниот одбор на клубот ја презел контролата над преговорите, правејќи клучен чекор напред за д абиде постигнат договор.

„Еберл има договор со Баерн до 2027, но во клубот веќе извесно време владее мислење дека мора да дојде до реконстуркција и на спортското раководство. Криштоф Фројнд е човек кому му се верува, потои опција тој да стане спортски директор наместо Еберл, но во Баерн размислуваа и за решенија од надвор. Тука сериозни опции се Маркус Креше од Ајнтрахт, но и легендарниот голгетер Марио Гомез“, пишуваат германските медиуми на оваа тема.

Се вчитува...