Проблеми за Белами: Велс со три откази пред мечот со Македонија

Велшкиот селектор Крег Белами се соочува со нови проблеми во пресрет на ноемвриските мечеви со Лихтенштајн и со Македонија на кои Велшаните се надеваат дека ќе обезбедат учество во баражот за СП 2026.

Искусниот дефазивец Бен Дејвис беше вклучен во списокот на Белами, но асот на Тотенхем сепак ја загуби трката со времето и го откажа настапот на ноемвриските средби за националниот тим. Дејвис се повреди на последниот квалификациски дуел со Белгија, се очекуваше тој да биде „фит“ до средината на ноември, но очигледно повредата е посериозна од првичните прогнози, па паузата е продолжена за најмалку уште 15 дена.

Искусниот напаѓач Кифер Мур исто така е „во аут“ за мечот со Македонија откако се повреди на дуелот на неговиот Врексам против Чарлтон во Чемпионшип-дивизијата, а отсутен ќе биде и дефанзивецот Кабанго, кој одигра 90 минути за Свонси против Ипсвич викендов, но потоа беше објавено дека има повреда поради која ќе мора да отсуства од терените.

Белами од претходно е и без помошта на капитенот Арон Рамзи, кој поради повреда воопшто не се најде на списокот на Белами за овој ноемвриски прозорец.

Се вчитува...