Проблеми за Милевски пред Белгија и Казахстан: И Серафимов отпаѓа, повреден и Исник Алими!

Сериозни проблеми, барем кога е во прашање дефанзивната линија во националниот тим, за македонскиот селектор Благоја Милевски пред двата квалификациски натпревари за пласман на СП 2026 против Белгија и против Казахстан на почетокот од следниот месец.

Откако претходно и дефинитивно поради тешка повреда отпадна Дарко Велковски кој ќе мора да паузира неколку месеци, сега, според последните информации, отпаѓа уште еден централен дефанзивец Никола Серафимов од унгарски Фехервар, кој, исто така, има повреда поради која, најверојатно, нема да може да се приклучи на националниот тим.

Серафимов, поради жолти картони, секако немаше да биде на располагање на Милевски за првиот јунски натпревар против Белгија во Скопје, но поради повредата отпаѓа и за дуелот со Казахстан на гостински терен.

Од досега стандардните централни дефанзивци на располагање на Милевски остануваат Висар Муслиу, Ѓоко Зајков, Јован Манев и Андреј Стојчевски од Словачко.

Исто така неизвесен за јунските натпревари е и фудбалерот на кинески Далијан Јингбо, Исник Алими кој исто така заработи повреда. Но, Алими се очекува да допатува во Скопје, па по дополнителни лекарски прегледи да се утврди дали ќе може да биде на располагање на стручниот штаб за јунските натпревари.

Се вчитува...