До квалификацискиот натпревар против Италија во Скопје, остануваат уште 19 денови, а Македонија се соочува со големи проблеми со играчкиот кадар. Главоболките на Благоја Милевски на почетокот на новата сезона немаат крај, а надополнети и со откажувањето на капитенот Стефан Ристовски од националниот тим.
Петмина од репрезентативците немаат клубови, додека уште најмалку толку не играат во клубовите, односно немаат минутажа. Исто така има и такви кои веќе мислат на трансфер како што е Аријан Адеми, кој треба да ја комплетира позајмицата во Трабзонспор.
Проблемите за Милевски почнуваат од одбраната, па продолжуваат во средниот ред, па се до нападот. Единствено само голманската позиција засега е сигурна, со оглед дека Столе Димитриевски е стандарден и брани во добра форма во Рајо Валјекано во шпанската Ла Лига.
Дарко Велковски нема клуб, и натаму нема одиграно ниту една минута во дресот на Ал Етифак, но и натаму нема најдено нов ангажман. Стоперот официјално е дел од клубот од С.Арабија, но веќе му е соопштено да бара нова средина. На десната бековска позиција покрај отсуствоот на Ристовски, проблемот е што Стефан Ашковски е ослободен од Ламија, и е без клуб. Ако не најде ангажман, тешко дека ќе се најде на списокот на Милевски за овие два дуели. Тодор Тодороски треба да замине во Албанија, по епизодата во Сумгаит, а Кире Ристевски отиде во Етникос од Пјуник.
Без клуб од одбраната е и Егзон Бејтулаи, кој и покрај информациите за преселба во Албанија, сепак, и натаму е без клуб. Од одбраната може да радува Ѓоко Зајков, кој е стандарден во Универзитатеа, како и Алиоски кој почна супер во Ал-Ахли во Саудиска Арабија. Бојан Димоски направи трансфер во Акрон, во Русија, Манев игра-не игра во Аданаспор, исто и Серафимов. Муслиу тргна со Падерборн, па веднаш доби црвен картон и сега играше само во Купот, додека за првенството има три меча суспензија.
Елиф Елмас одигра само 14 минути на првиот меч во Наполи со новиот тренер Руди Гарсија. Барди има одиграно само 135 минути во два меча во Турција. Атанасов во три меча, само едниот го одигра цел, додека едниот излезе во игра во 88. минута, додека во третиот влезе во игра во последните 11 минути. Давид Бабунски одигра само 75 минути и еден натпревар за Дебрецен, додека во првите два не беше во составот. Аријан Адеми е во процес да оди на позајмица во Трабзонспор, односно турскиот клуб е во преговори со Пекинг Гуан за негов ангажман. Стефан Спировски од Пјуник направи трансфер во Етникос, и сега се очекува да има поголема минутажа од претходно, што би му овозможило „кам-бек“ во националниот тим. Бобан Николов е без ангажман по заминувањето од ФЦСБ од Романија, и во последните осум месеци нема одиграно ниту еден натпревар.
Александар Трајковски нема клуб, исто и Илија Несторовски во нападот. Можеби најсилен адут во нападот за Милевски ќе биде Бојан Миовски кој игра во супер форма во Шкотска и после повредата. Доријан Бабунски и Милан Ристовски имаат солидна минутажа, додека Дориев направи трансфер во Узбекистан.
Тука треба да се напомене дека Дарко Чурлинов и натаму ги чека првите минути во дресот на Барнли после случувањата со сепсата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА