Македонското ракометно првенство нема да продолжи, откако денеска РФМ објави дека сите натпреварувања под организација на „куќата на ракометот“ се прекинати на неодредено време. Првичната одлука за прекин во времетраење од 14 дена се уште е на сила, но во ситуација кога е јасно декаа кризата со коронавирусот се уште зема замав, јасно е дека не постојат услови за враќање на ракометарите на терен.
„Ве известуваме дека Раководството на Ракометната Федерација на Македонија донесе одлука за прекин на неодредено време на националното ракометно првенство во Супер и Прва машка ракометна лига, натпреварите од Женската ракометна лига, како и сите натпревари во младинските категории.
Одлуката е донесена согласно препораките од страна на Министерството за здравство за превенција од вирусот COVID – 19 и согласно уредбите од Владата на Република Северна Македонија за превенција од вирусот COVID – 19.
Ракометната Федерација на Македонија ќе ја следи состојбата и навремено ќе ги извести сите засегнати доколку се создадат услови за продолжување на активностите во рамките на РФМ“, се вели во соопштението на Ракометната Федерација на Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА