Македонската фудбалска репрезентација несреќно, со гол примен во последните секунди во ремито (1-1) против Велс во квалификациите за СП 2026 ја заврши серијата од шест едноподруго натпревари со победи без примен гол, што е убедливо најдолга серија во историјата на репрезентативниот фудбал.
Но, за Благоја Милевски и неговите избраници останува се уште низата без пораз на официјални натпревари која трае цели 17 месеци од ноември 2023 година. Македонија синоќа го запиша и деветтиот едноподруго официјален натпревар без пораз.
Од 20 ноември 2023 година од ремито (1-1) против Англија на арената „Тодор Проески“ македонската селекција заклучно со синоќешното реми со Велс сега има шест победи и три ремија и гол разлика од 15-3.
Националниот тим зад себе ја има и најуспешната година во историјата кога се однесува вкупниот резултатски скор. Во 2024 година Македонија заврши со пет победи, две ремија и три порази, или 60% успешност. Со тоа што и првпат нема ниту еден пораз на официјален натпревар во една календарска година, а сето тоа го продолжи и со мартовскиот собир во квалификациите за СП 2026.
Столе Димитриевски, пак, за жал, ја заврши најдолгата низа во историјата на македонскиот фудбал без примен гол во низа, заокружувајќи на 711 минути „чиста мрежа“. Интересно, и Димитриевски се до синоќешните кобни последни секунди со Велс цели 17 месеци немаше примено гол од игра на официјален натпревар, од оној дуел со Англија, и до автогол на Јани Атанасов од пресметката во Скопје. Единствениот гол во овие 17 месеци на официјален натпревар Столе го прими од пенал на гостувањето против Фарските Острови во Лигата на нациите во септември минатата година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА