Со синоќешното реми без голови против Белгија во Гент, македонската репрезентација ја продолжи рекордната низа од, сега веќе, 13 едноподруго официјални натпревари во рамките на натпреварувањата на ФИФА и УЕФА, без пораз.
Последниот пораз на оваа Македонија предводена од Благоја Милевски е од 17 ноември 2023 година и оној дуел со Италија во Рим, на кој загубивме со 5-2. Од тогаш, Македонија на 13 едноподруго натпревари не знае за пораз, со осум победи и пет ремија, што е убедливо најдолга низа во историјата. И извонредна гол разлика од 22-4.
Само четири примени голови на претходните 13 официјални натпревари на националниот тим се повеќе од доволен показател за резултатите на овој состав, дополнети и со фактот дека до синоќешниот дуел со Белгијците, Македонија исто така на 13 едноподруго натпревари имаше по најмалку барем еден постигнат гол на натпревар, што е исто така убедливо најдолга низа во историјата.
=============================================
СИТЕ СОБОРЕНИ РЕКОРДИ НА НАЦИОНАЛНИОТ ТИМ ИЗМИНАТИВЕ ДВЕ ГОДИНИ
- Шест натпревари со победа во низа и без примен гол, што е убедливо најдолга низа во историјата!
- Рекорд на најдолга македонска серија без пораз на официјални квалификациски натпревари. Македонија сега има низа од 13 едноподруго натпревари без пораз (осум победи и четири ремија) во официјален натпреварувачки систем на ФИФА и УЕФА.
- Најдолга низа на постигнат гол на официјални натпревари – 13 средби едноподруго со барем еден постигнат гол на натпревар!
- Голманот Столе Димитриевски го држи и апсолутниот рекорд на несовладливост во историјата на македонскиот репрезентативен фудбал, со 711 минута со незатресена мрежа.
- Македонија, без пораз со феномененален учинок во групата, за првпат во историјата се избори за место во Б-дивизијата (втор по квалитет сегмент во Европа) од Лигата на нации!
- Македонија, за првпат во историјата вторпат едноподруго е речиси со сигурно обезбеден бараж за пласман на Светско првенство.
- Селекторот Боби Милевски по цели 30 години го собори и рекордот на Андон Дончевски на најдолга победничка серија на македонската репрезентација. Милевски го држи и тој рекорд од македонските селектор, со шест едноподруго победи по ред, и тоа првпат во историјата без примен гол, соборувајќи го дотогашниот рекорд на Дончевски кој на самите почетоци имаше четири едноподруго победи со националниот тим, но и сите четири на пријателски натпревари.
- Со победите над Лихтенштајн во квалификациите за СП 2026, Македонија дојде до убедливо најголем број победи во својата историја против една репрезентација, вкупно 12 од меѓусебните дуели со Лихтенштајн.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

