Продолжи фудбалот во Хрватска: Адеми и Динамо шокирано на „Максимир“

Шампионот Динамо Загреб беше непријатно изненаден во премиерниот натпревар од 2021 година губејќи на домашен терен од Ријаке со 0-2. Аријан Адеми ги одигра сите 90 минути за „модрите“, но македонскиот репрезентативец не можеше да помогне да биде избегнат овој исход, за кој главен виновник е домашниот напаѓач Бруно Петковиќ.

Судијата му поништи гол на Петковиќ поради офсајд во самиот финиш од првото полувреме, а корпулентниот напаѓач се претвори во трагичар на почетокот од вториот дел, не реализирајќи пенал за домашниот состав.

Ријека знаеше како да го казни тоа, па гостите со головите на Менало и на Андријшевиќ во 66. и во 71. минута стигнаа до триумф. Во гостинскиот тим поради повреда не настапи македонскиот репрезентативец Дарко Велковски.

Динамо Загреб останува на чело на табелата, со ист број бодови (33) како и Осијек, но и натпревар помалку во однос на оваа екипа. Ријека досега има собрано 23 бода, но поради честите проблеми со коронавирусот овој тим има три одиграни меча помалку од Динамо Загреб.

Се вчитува...