Со вечерашниот дуел меѓу ЧСМ Букурешт и Ѓер официјално продолжи натпреварувањето во ракометната Лига на шампиони за жени, дуел во кој романскиот првак го зеде скалпот на актуелниот европски шампион триумфирајќи со 28-22.
Ѓер успешно парираше до пред крајот на првото полувреме, кога по израмнетите 10-10 домашниот тим влезе во мини-серија и на одмор се замина со предност на ЧСМ од 13-11. Само десетина минути подоцна позитивата на екипата од Букурешт се искачи на пет гола, па ЧСМ предводен од Кристина Неагу и од Аманда Куртовиќ рутински го контролираше мечот и на крајот заслужено се радуваше на победата.
Куртовиќ одигра извонреден натпревар постигнувајќи осум гола од девет обиди, Неагу имаше седум погодоци, но и дури десет промашувања, додека во редовите на Ѓер најефикасни беа Нора Мерк со осум и Томори со седум погодоци.
Ракометарките на Вардар влегуваат како првопласирани во својата група од главната фаза. „Црвено-црните“ во рамките од првото коло утре на домашен терен ќе го пречекаат француски Мец.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА