Со пладневиот натпревар меѓу Тиквеш и Радовиш и официјално ќе биде означен стартот на вториот дел од сезоната во ракометната Супер-лига која донесе бројни возбудувања во есенскиот дел, а се очекува тие уште повеќе да се зголемат и да кулминираат со завршните битки за титулата во рамките од плејофот.
Алкалоид ја има улогата на лидер на табелата по првите 16 рунди, а тимот предводен од Кире Лазаров би требало да има лесна задача на денешното гостување во Струга. Актуелниот шампион Е. Пелистер важи за апсолутен фаворит на домашниот дуел со МКК Куманово, додека Вардар го очекува скопска пресметка со Пролет, на која „црвено-црните“ ја имаат фаворитската улога.

Согласно пропозициите, најдобрите шест екипи во суперлигашката табела ќе продолжат да се натпреваруваат за титулата во плејоф-лигата, при што најдобриот од Супер-лигата ќе пренесе три бода, вториот и третиот по два бода, екипите кои биле 4. и 5. на табелата ќе имаат по еден бод на почетокот од плејофот, а шестопласираниот тим ќе стартува без бодови.
Идентично ќе биде пренесувањето на бодови и на екипите во плејаутот, седмопласираниот ќе тргне со „плус три“, екипите на 8. и на 9. позиција ќе имаат по два бода на стартот од плејаутот, оние кои ќе бидат 10. и 11. ќе имаат по еден бод на своето салдо, а „фенерџијата“ без бодови ќе тргне во битката за опстанок.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

