Продолжува Калчо-лигата: Ново „црно-бело“ скудето или пад на империјата Јувентус

Италија беше една од најпогодените држави од коронавирусот, долго време одржувањето спортски настани беше незамисливо на Апенинскиот полуостров, но денеска и официјално ќе продолжат натпреварите од Калчо-лигата. Јувентус влегува во преостанатите 12 кола како лидер на табелата, со само еден бод предност пред Лацио, додека Интер е третопласиран со девет бода заостанување зад „старата дама“, но и меч помалку од водечките екипи на табелата.

„Црно-белите“ влегуваат како фаворити во преостанатиот дел од сезоната, не само поради предноста на табелата, туку традицијата која вели дека Јуве апсолутно доминира на италијанската фудбалска сцена. Во последните осум години гигантот од Торино освои осум скудета, а последниот тим што стигнал до титула пред „старата дама“ е Милан во сезоната 2010/11, период во кој Јуве се консолидираше по Калчополи скандалот и исфрлањето од италијанската фудбалска елита.

Сепак, задачата на „црно-белите“ нема да биде нималку лесна, особено по нарушената атмосфера во тимот по поразот во финалето од Купот на Италија од Наполи. Факт е дека Јувентус ниту во полуфиналето со Милан, ниту пак во големото финале со Наполи не прикажа квалитетна игра, во меѓувреме Сари ја вжешти ситуацијата со критики на адреса на Кристијано Роналдо, па лесно може да се случи екс-тренерот на Наполи да добие отказ во следните дваесетина дена, доколку експресно не го врати тимот на победнички патеки.

На такво нешто се надеваат во Лацио, тим што со атрактивниот фудбал ги собра симпатиите на неутралните фудбалски фанови. Римјаните играат извонредно под водство на Симоне Инзаги, во последните десет кола забележаа осум победи и две реми, а згора на тоа го немаат врз себе притисокот што го носи фаворитската улога. Пресудно може да се покаже претпоследното коло, кога на 20 јули „лацијалите“ ќе му гостуваат на Јувентус.

Интер сигурно нема да се предаде без борба, негативата во однос на водечките не е недостижна, но на Конте и на неговите избраници им е јасно дека веќе немаат право на „кикс“.

Завршниот спринт почнува од денеска со дуелот Торино – Парма, Интер утре го игра својот премиерен дуел на домашен терен со Сампдорија, Јувентус в понеделник гостува во Болоња, додека Лацио исто така го очекува тешко гостување, во Бергамо против Аталанта.

Се вчитува...