Се е подготвено за продолжението на сезоната во ракометната Супер-лига, за доигрување на преостанатите шест кола кои ќе дадат одговор кои шест екипи ќе ја продолжат трката за највисок пласман преку плејофот, а кои ќе водат битка за опстанок во плејаутот.
Вардар ја има лидерската улога на табелата во досегашниот дел од сезоната поради подобриот меѓусебен скор со Еурофарм Пелистер, а покрај овие два тима, пласманот во плејофот на добар пат да го обезбедат се и Бутел и Еурофарм Пелистер 2. За преостанатите две места во игра се три екипи, Тинекс Пролет, Охрид и Тиквеш, кои со максимални мотиви ќе влезат во наредните дуели.
Металург и Вардар во минатото играа бројни интересни дерби дуели, но такво нешто не се очекува денеска во Автокоманда, со оглед на фактот дека Металург зимава беше дополнително ослабен со заминувањето на сите странски ракометари, како и со тренерската рокада – Котевски на местото на Иван Марковски. Денешниот дуел ќе биде деби на клупата на „црвено-црните“ за Давид Дејвис, кој пристигна на кормилото на Вардар по смената на Веселин Вујовиќ, откако Недановски имаше добри резултати како привремено решение како предводник на „црвено-црните“.
Распоред – 17. коло на Супер-лигата
Среда: Еурофарм Пелистер 2 – Скопје (17 часот), Металург – Вардар (18 часот), Бутел – Радовиш (18 часот), Пролет – Струга (18.30 часот), Прилеп – Тиквеш (19 часот).
Четврток: Еурофарм Пелистер – Охрид (18 часот).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА