Продолжуваат прволигашките возбудувања – Чаир 2030 го пречекува ТФТ

Прволигашките возбудувања во македонската кошарка продолжуваат денеска со натпреварот помеѓу Чаир 2030 и ТФТ кој ќе биде одигран со почеток од 17 часот во СРЦ „Кале“. Во него новлијата влегува по триумфот во Куманово, додека ТФТ ќе ја брка првата победа во сезоната откако загуби од МЗТ Скопје.

Чаирчани денеска ќе мораат да бидат на врвот на својата задача доколку сакаат да се надеваат на триумф против минатогодишниот полуфиналист, кој ќе биде и дополнително мотивиран за победа пред патувањето во Златибор за првиот „балон“ на АБА2 лигата каде освојувачот на Купот на Македонија за 2022 година ќе го има своето деби.

Првата лига продолжува утре во Битола каде силите ќе си ги одмерат Пелистер и Работнички. Двата тима ќе бараат првата победа во сезоната по поразите од Гостивар, односно Феникс 2010, а во сабота не очекуваат три нови возбудливи средби во кои ќе се сретнат Феникс 2010 – Академија ФМП, Еуро Никел – Куманово и Кожув – Струмица.

Колото ќе биде комплетирано во среда (19.10) со натпреварот кој ќе ја одбележи втората рунда кога МЗТ Скопје во СЦ „Јане Сандански“ ќе го пречека Гостивар.

Се вчитува...