Продолжуваат возбудувањата во ПМФЛ: Арсими дебитира кај повратникот Башкими, изменетата Струга ТЛ ги чека „лавовите“

После вчерашните возбудувања во ПМФЛ, каде во два натпревари видовме дури 11 голови, денеска продолжуваат натпреварите во мак-фудбалот со два нови меча во Куманово и во Струга. Повратникот во прволигашката конкуренција екипата на Башкими го пречекува дебитантот во ова натпреварување тимот на Арсими, додека во Струга, домашниот тим ќе игра против уште еден повратник – Македонија ЃП.

Вчера на двата натпревари во Тетово помеѓу Шкендија – Шкупи и вечното дерби Вардар – Пелистер видовме одлична ефикасност. Шкендија го победи својот ривал со убедливи 5-1, додека Вардар го доби големото македонскот дерби со убедливи 4-1.

Екипата на Башкими добро ги засили своите редови, за што подобро да се престави на своето враќање во прволигашката конкуренција после цели 16 години. Така беа донесени играчи како Есмин Личина, Огузан Ајдоган, Марко Симоновски, Абдулхади Јахја, се врати во тимот и Арменд Алими, фудбалери со долгогодишно искуство во прволигашката конкуренција. Беа донесени и странски имиња, се со цел екипата во првата сезона по враќањето да го обезбеди најпрво опстанокот.

Опстанокот ќе биде приоритет и за Арсими. Тимот кој за првпат ќе се натпреварува во ПМФЛ донесе неколку познати имиња како што се Леонид Игнатов, Башким Велија, Дејан силјановски, Ринор Ајдини, сите со искуство во ова натпреварување. Во Арсими дојдоа и Армин Бесагиќ, Дејан Перовиќ, Габриел Јапи Тенлеп, Џемаил Јахији, Медин Бајрами, Амер Брљевиќ и Сикиру Олатунбосун, играчи кои со постоечките ќе треба да му го донесат на тимот посакуваниот опстанок.

На вториот меч Струга ТЛ ќе го дочека тимот на Македонија ЃП. Овие два тима во минатото одиграа доста интересни натпревари, а „лавовите“ се враќаат во елитната конкуренција после само една година пауза. Двата тима претрпеа многу измени во тековното лето во играчкиот кадар, особено тимот на Струга ТЛ кој ја реновираше целосно одбраната по заминувањата на Сава Радиќ и на Бесарт Кривањева. Исто така тимот доби и нов тренер во името на Бледи Шкемби од Албанија. Некогашниот двократен првак се засили со Гркот Мазолуксис во одбраната, како и со Ласана Диако и Едвин Османи. Го зема и Гледи Мици на бековската позиција. Од клубот заминаа и голманот Стевковски, Јапонецот Такахара, Стефан Спировски, додека Фламур Таири замина во пензија на 34 години.

Измени претрпе и Македонија ЃП, која ги освежи своите редови со носење на неколку искусни фудбалери како Дарко Глишиќ и голманот Ристо Јанков, a се засили и со Алекса Јовановиќ, Клинтон Осеи, Хозе Кабаркас, Мирсад Рамиќ, Луис-Микаел – Сила и Мартин Талаков. Се чини дека најзвучното име во овој преоден рок е Мухамед Елмас, еден од најголемите македонски таленти во најава, кој дојде од Гостивар. И за „лавовите“ во првата сезона амбициите се да бидат што подалеку од опасната зона, со оглед дека сезонава ќе испаднат четири тима, поради намалувањето на бројот прволигаши од идниот шампионат.

ПМФЛ, 1. КОЛО

ДЕНЕСКА, 17:30 ЧАСОТ

СТРУГА: СТРУГА ТЛ – МАКЕДОНИЈА ЃП

КУМАНОВО: БАШКИМИ – АРСИМИ

ВЧЕРА:

ШКЕНДИЈА – ШКУПИ 5-1

ВАРДАР – ПЕЛИСТЕР 4-1

 

Се вчитува...