Прогласени победниците на Охридскиот пливачки маратон

Организацискиот одбор на Охридскиот пливачки маратон ги прогласи победници на денешната трка, која за жал беше прекината од безбедносни причини поради силните бранови и грмотевиците над Охридското езеро.

Силното невреме што попладнево го зафати Охрид ги спречи учесниците на 38. Охридски пливачки маратон да стигнат до целта. По 4,5 часа пливање трката беше прекината во 14:30 часот од безбедносни причини поради силните бранови, ветрот и грмотевици.

Во тој момент во машка конкуренција израмнети на првото место беа италијаните Матео Фурлан и Федерико Тамборино и аргентинецот Матијас Диас Хернандес. Согласно пропозициите тројцата се прогласени за победници на маратонот. Момент од 38. Охридски пливачки маратон. Фото: Анамарија Момироска На четвртото место се пласира уште еден маратонец од Италија, Марко Инглима, по кој следат Петар Цеков – Македонија, Хуго Риберо – Португалија, Александар Илиевски – Македонија, Акилјес Балудо – Аргентина и Леонид Мишевски – Македонија.

Во женска конкуренција водечка во времето на прекинот беше Мајте Ајлен Пука од Аргентина која е прогласена за победничка.  Второпласирана беше нејзината сонародничка Ерика Јенсен, а трета Милица Љубисављевиќ од Србија. Четврта на прекинатиот маратон заврши нашата Росана Гошева пред Елена Лоенело од Италија и Алисја Гедриш – Полска.

Наградите на победниците ќе им бидат врачени на свечена церемонија што ја организира претседателката на Република Македонија Гордана Силјаноска – Давкова, која е покровител на Охридскиот пливачки маратон. Наградниот фонд на Охридскиот пливачки маратон оваа година изнесуваше 15 000 евра.

Се вчитува...