Пројковска испиша историја на македонскиот фудбал на „Копа Америка“

Секоја чест за нашата најдобра женски фудбалски судија, интернационалката Ива Пројковска која доби големо признание од судискиот одбор на традиционалниот меѓународен женски турнир „Копа Америка“ кој годинава се одржува во Еквадор за да го суди полуфиналниот меч меѓу Аргентина и Колумбија (4:5) заедно со своите асистентки Џулија Темпестили од Италија и Ингорце Фернандез од Шпанија.

По многу возбудувања, натпреварот и по две продолженија заврши без победник 0:0, а во рулет пеналите фудбалерките на Колумбија беа посреќни и победија со 5:4.  Во второто полуфинале ќе играат Бразил и Уругвај. Ива Пројковска, на турнирот на кој учествуваат 10 најуспешни репрезентации на Јужна Америка, досега, покрај натпреварот Аргентина-Колумбија ги судеше и мечевите: Уругвај – Чиле 3:0, Еквадор – Перу 3:1 и Венецуела – Боливија 7:1, додека на средбата Аргентина-Перу беше четврти судија. Ова е јасен доказ каков впечаток со своето судење остави Пројковска на судиската комисија на турнирот, еден од најпознатите во светот на женскиот фудбал.

Таа се наоѓа во елитната група на 20 најдобри европски судии, од Судиската комисија на УЕФА  доби големо признание, заедно со своите помошнички Темпестили и Фенандез да бидат единствени судии кои ќе ја претставуваа УЕФА Европа на овој турнир на кој судеа само судии од Јужна Америка.

Пројковска е единствен судија од Македонија кој има судено надвор од европскиот континент. Никој досега во историјата на македонскиот фудбал  ја немал таа чест. Ива   има судено дури на 10 репрезентации и сите на стадионите во Јужна Америка. Минатата година на светското првенство во Колумбија, фудбалерки до 20 години  на Северна Кореа, Аргентина, САД и Парагвај, сега на „Копа Америка“ на  Еквадор, Перу, Венецуела, Колумбија, Чиле и Уругвај.

Ако додаме дека во својата куса но успешна кариера Ива Пројковска има судено на уште 17 европски репрезентации во сите категории: Англија, Шведска, Данска, Шпанија, Италија, Финска, Фарски Острови, Португалија, Швајцарија, Полска, Русија, Романија, Хрватска, Турција, Германија, Франција и Србија…

М.Мицковиќ

Се вчитува...