Проклетството на шампионите на Ф4 турнирите во ЛШ

ЕКИПА во Будимпешта,

Билјана Б.Петрушева, Кристијан Димевски

Ниеден шампион досега, ни во машка, ни во женска конкуренција, не успеал да ја одбрани титулата на Ф4 турнирот во Лигата на шампионатите од воспоставувањето на овој формат во најелитното ракометно натпреварување.

Постои можност годинава да се „скрши“ проклетството на Ф4 бидејќи актуелните шампиони се во завршницата на ЛШ, и во машка и во женска конкуренција. Во Будимпешта, актуелниот шампион Ѓер денеска ќе ја брани титулата против ЖРК Вардар. За две недели, во Келн, бранители на титулата ќе бидат ракометарите на Вардар кои за второ финале по ред, прво треба да го добијат полуфиналето со Монпелје

Ѓер има освоено вкупно три титули во Лигата на шампионите. Првата ја освои во 2013 година во стариот формат на ЛШ, а другите две (2014 и 2017) на трите досегашни настапи на Ф4 турнирот во Будимпешта. Сите три европски титули, Ѓер ги освои под палката на шпанскиот тренер Амброс Мартин кој на крајот на сезоната заминува од унгарскиот шампион на клупата на Ростов Дон.

Најуспешен тим во историјата на Лигата на шампионите во женска конкуренција е Хипо со четири титули, а по три имаат Виборг и Ѓер. Во друштвото на шампионите со по една титула е и Кометал ЃП кој ја освои Лигата на шампионите во 2002 година.

На машкиот Ф4 турнир во Келн, Вардар годинава ќе се обиде да стане првиот тим што ја одбранил титулата, нешто што не му успеало на ниеден друг шампион во изминатите осум изданија од првиот турнир во овој формат во 2010 година. На Ф4 турнирот од ЛШ во машка конкуренција по две титули имаат Кил и Барселона, но ниеден од нив не бил европски шампион во Келн две години по ред. По една титула од Ф4 имаа Хамбург, Фленсбург, Киелце и Вардар. Најтрофеен тим во историјата на ЛШ воопшто, е Барселона со вкупно осум шампионски титули.

Се вчитува...