Селекторот на ракометната репрезентација на Германија, Kристијан Прокоп, го објави списокот од 20 ракометари кои конкурираат за настап на Европското првенство во Хрватска што ќе се одржи од 12 до 28 јануари. Германија е еден од протвниците на Македонија во групата Ц во Загреб во која се уште и селекциите на Словенија и на Црна Гора.
Прокоп на располагање за ЕП 2018 ќе ги има најсилните адити. Меѓу селектираните 20 репрезентативци, се 12 играчи што беа во шампионскиот состав на Германија што ја освои титулата на ЕП 2015 во Полска, сега засилени и со капитенот Уве Генсхајмер кој поради повреда го пропушти претходното ЕП. На голманската позиција Прокоп им даде предност на Андреас Волф и на Силвио Хајневетер, а Јоханес Битер и Кристијан Лихтлејн ги остави во резерва.
„Со овие 20 играчи одиме во завршните подготовки за Европското првенство. Нашата цел ќе биде максимално да го искористиме времето што ни е на располагање до почетокот на шампионатот и да отпатуваме во Хрватска оптимално подготвени“ – изјави германскиот селектор.
Репрезентацијата на Германија со подготовките ќе стартува на 28 декември, а пред стартот на СП, на 5 и на 7 јануари во Штутгарт ќе одиграат два контролни натпревари со Исланд.
Македонската репрезентација на ЕП во Хрватска, со Германија ќе игра на 17 јануари во последното трето коло од групната фаза. Пред тоа се дуелите со Словенија (13 јануари) и со Црна Гора (15 јануари). Првите три репрезентации од групата обезбедуваат пласман во главната фаза на ЕП во која репрезентациите од групата Ц вкрстуваат со првите три селекции од Групата Д во која се Шпанија, Данска, Чешка и Унгарија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА