Ракометарите на Пролет продолжија со одлични настап од стартот на сезоната, откако попладнево славеа на гостувањето против Голден Арт, совладувајќи го градскиот ривал со 23-25 за своја четврта победа во петтиот овосезонски натпревар. Пролет имаше контрола над резултатот во текот на целиот натпревар, домаќините покажаа карактер и се бореа буквално до самиот крај, но бодовите на крајот отидоа кај тимот предводен од тренерот Лембанов.
Пролет беше подобарпротивник од самиот почеток на мечот, а првото поубедливо водство го изгради поведувајќи со 4-8, принудувајќи го домашниот тренер на тајмаут. Добрата одбрана овозможи лесни голови од контранапад со кои предноста скокна на 5-11, нешто подоцна и 6-12, но Голден Арт успеа да се стабилизира пред крајот на полувремето и да ја преполови негативата, на одмор заминувајќи со 9-12.
Домаќините со цврста одбрана и лесни голови од контранапад успеаја да израмнат на 14-14 во вториот дел, но Палевски со два гола од крило за краток период ја врати предноста на гостинскиот состав (14-17). Голден Арт пак дојде на „минус еден“, но Василевски беше играчот што презеде одговорност и постигна три погодоци во клучните моменти. Домаќините искористија неколку почетнички грешки на Пролет и се приближија на 23-24 на триесет секунди до крајот, но Палевски на асистенција на Мајнов стави точка на победата на Пролет, изразена со конечни 23-25.
Василевски со осум гола беше најдобар поединец на натпреварот, Палевски постигна шест, додека Гоцевски со шест погодоци беше најефикасен во таборот на Голден Арт.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА