Пролет останува со удобна предност на врвот на табелата во плејаут натпреварување откако скопскиот суперлигаш славеше во градската пресметка против екипата на Скопје, на гостински терен со убедливи 25-35. Избраниците на Лембанов одиграа на високо ниво во одбраната, на голот одличен беше Јане Цветковски, па триумфот воопшто не беше доведен во прашање.
Пролет уште во првото полувреме сериозно се одлепи поведувајќи со 8-14, на одмор замина со „плус четири“ (11-15), за гостите да доминираат и во второто полувреме, уште во првите петинаесетина минута одлепувајќи се на осум гола предност (16-24). Финишот беше рутина за Пролет, кој заслужено уште повеќе ја зголеми својата предност и прокнижи нови бодови, со конечен резултат 25-35.
Давор Палевски беше најефикасен во редовите на Тинекс Пролет со седум гола, шест постигна Џонов, додека по пет пати прецизни беа Пејовиќ и Димов.
Прилеп ја искористи предноста на домашниот терен и славеше над Радовип со резултат 28-25. Домаќините го контролираа резултатот во текот на целиот меч, имаа 10-5 во првиот дел, но на одмор заминаа само со водство од 13-11, за во вториот дел да продолжат да доминираат и да стигнат до водство од 27-19. Откако победата беше осигурана дојде до опуштање во домашниот табор, а радовишани го искористија тоа за да постигнат пет гола во низа во финишот од мечот, за од 28-20 мечот да заврши со конечни 28-25.
Искусниот Чантурија беше главна фигура во победничкиот состав со 11 постигнати погодоци, додека Каковски со осум гола беше прв стрелец на Радовиш.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА