Ракометарите на Пролет ја забележаа и втората победа во рамките од Супер-лигата, славејќи на домашен терен со резултат 30-25. Конечниот резултат делува како удобна победа, но прилепчани изненадија со одличното издание пред се во второто полувреме, во кое долго го држеа мечот во егал, но немаа сили за нова сензација како онаа во првото коло, кога го совладаа Бутел.
Мечот почна со израмнета игра, Пролет прв се одлепи и поведе со 9-6, по што следеше тајмаут на гостинскиот тренер. Прилеп успеа за кратко време да се консолидира, но следеше нова серија на домашниот тим предводен од Палевски, кој успеа да се одлепи резултатски и на одмор да замине со водство од 17-13. Советите на гостинскиот стратетг на полувремето вродија со плод, па Прилеп експресно израмни на 17-17. Искусниот Мајнов ја прекина серијата на гостите, Прилеп успеваше да одржува неизвесност до 24-23, по што искуството и квалитетот на Пролет излегоа на површина, домаќините знаеја како да го приведат мечот до крај и да слават заслужена победа.
Палевски беше најефикасен кај Пролет со пет гола, по четири постигнаа Пецаковски, Андоновски и Димковски, додека прв стрелец на Прилеп беше Владан Кастратовиќ со пет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА