Пролет е во плејофот – рутинска победа над Радовиш

Екипата на Пролет славеше на домашен терен против Радовиш со резултат 27-21, триумф со кој овој скопски суперлигаш обезбеди пласман во плејофот. Иако имаат уште два натпревари за доигрување до крајот на Супер-лигата, ракометарите на Пролет во досегашниот дел од сезоната прикажаа доволно квалитетни настапи за рутински да го обезбедат пласманот во следната фаза од шампионатот.

Рутинска беше и денешната победа, во која иако домашните ракометари не се одлепија до преубедливо водство, сепак лесно го контролираа резултатот. Радовиш изненади со рано водство од 0-3 во првите неколку минути, но Пролет возврати со седум гола во низа, период во кој брилијантен на голот беше Петар Ангелов. Гостите пред крајот на полувремето успеаја да намалат на 13-12, но тоа беше се што можеа да сторат на овој меч. Во продолжението повторно можеше да се проследи контрола на домашните ракометари, кои на крајот заслужено триумфираа со конечни 27-21.

Жарко Пејовиќ го одигра својот најдобар натпревар по доаѓањето во Пролет постигнувајќи девет погодоци, додека Петар Ангелов имаше 16 интервенции на голот на Пролет. Најефикасен во таборот на Радовиш вообичаено беше Илиев со шест постигнати гола.

Се вчитува...