РК Тинекс Пролет објави дека постигна договор за продолжување на соработката со тројцата најперспективни ракометари во клубот, кадетските и младински репрезентативци на Македонија, Томислав Димковски, Андреј Стојановски и Михаел Тотиќ. Димковски и Стојановски настапуваат на бековската позиција, додека Тотиќ одлично се снаоѓа на позицијата лево крило.
Станува збор за ракометари кои имаа значајна улога во триумфот на кадетската репрезентација на ЕХФ шампионатот во Рига, на кој Димковски беше избран и за МВП на првенството. Тие добиваа шанса во првиот тим на Тинекс Пролет во првиот дел од сезоната, а сигурно ќе имаат уште позначајна минутажа во плејофот, каде се дел од плановите на тренерот Лембанов.
„Тинекс Пролет останува максимално доследен на клупскиот концепт на кој инсистира со години наназад, најдобрите членови на младинската школа да добијат шанси за докажување и во првата екипа. Остануваме проект што ќе создава квалитетни домашни играчи, го потврдуваме тоа и со новите договори на Димковски, Тотиќ и на Стојановски, тројца извонредно перспективни ракометари со кои потпишавме долгогодишни договори и за кои не се сомневаме дека ќе донесат бројни победи на тимот во иднина“, изјави директорот на Пролет, Сашо Огњеновски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА