Екипата на Пролет вечерва го официјализираше трансферот на Никола Потиќ, десниот бек што доаѓа од редовите на Металург. Српскиот интернационалец е второ странско засилување за Пролет, по ангажманот на Жарко Пејовиќ, со што Пролет покажува сериозни амбиции да стигне до место во плејофот кое значи излез во ракометна Европа.
„„Од она што го видов на контролата пред стартот на сезонава, Тинекс Пролет се покажа како добар противник. Знам дека сега се засилени, згора на тоа и уште подобро воиграни и мислам дека овој тим ќе има што да каже во клучниот дел од сезоната. Задоволен сум што дојдов тука, ни се поклопија визиите со раководството кое сака да излезе во Европа, а јас верувам дека можам да помогнам тоа да се оствари. Од понеделник почнувам да тренирам со екипата, па тогаш ќе се запознаам со момците и ќе можам да кажам повеќе конкретни работи за клубот“, истакнува Потиќ за официјалната веб-страница на Пролет.
Српскиот бек, кој има искуство од настапи за Загреб, но и од шпанското и од германкото првенство, смета дека Металург со заминувањето на неколкуте странски ракометари ќе загуби на квалитет, со што ќе се отвори шанса за дел од останатите клубови во битката за третото место.
„Искрено верувам дека можеме да стигнеме до она што е зацртано како цел. Вардар и Еурофарм Пелистер се напред, но сега гледаме што се случува во Металург, како се откажува од странците, па на мојот довчерашен клуб веќе не му е сигурно ниту тоа трето место. Конкуренцијата не е мала, тука се неколку екипи, но Тинекс Пролет дефинитивно има квалитет за да излезе во ракометна Европа“, вели Никола Потиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА