Пролет го „шокираше“ Охрид, Вардар без проблеми во Куманово

Во максимално возбудлив и квалитетен натпревар, ракометарите на Тинекс Пролет ремизираа (23-23) со фаворитот Охрид во дерби пресметката од 19. коло во Суперлигата на Македонија.

И покрај тоа што гостите ја носеа фаворитската улога на дуелот, на крајот Пролет повеќе од заслужено дојде до 23-23, во меч во кој колективот функционираше на највисоко ниво низ сите 60 минути од средбата.

Одличен старт на домашните воден од Ласко Андоновски и Доне Мајнов за по 15 минути игра водство и од 9-6, кое во континуитет низ првото полувреме се зголемуваше и за предност од 12-7 во 27. минута и конечна предност на полувремето од 12-8 за Пролет.

Сепак, охриѓани далеку поагресивно го почнаа второто полувреме, па со серија од 3-8, успеаја да дојдат до пресврт водство од 15-16. Низ игра гол за гол во продолжението, Охрид во последните две минути од мечот влезе со предност од 21-23. Но, Ласко Андоновски ефектно намали на 22-23, а откако охриѓани не реализираа во следниот напад, на 48 секунди до крајот Матлиевски повика тајм-аут и организираше напад за реми. Мајнов погоди за 23-23, по што останаа уште 16 секунди за Охрид. Со одлична одбрана, беше спречено гостите и воопшто да упатат удар по домашнот гол со што натпреварот заврши со поделба на бодовите.

Најефикасни кај Пролет беа Василевски со шест гола и Андоновски со четири погодоци, додека во редовите на Охрид се издвоија Орјоканидѕе со седум гола и Цирар со пет гола.

Eкипата на Вардар, пак, запиша уште една победа во 19. коло откако на гости го совлада Куманово со 25-38.

Највисоката предност во првите 30 минути за „црвено-црните“ беше 11 гола, додека на пауза заминаа со водство 12-22. Не се промени ништо ниту во вториот дел, Вардар сигурно ја одржуваше предноста која во еден момент изнесуваше и 14 гола.

Во останатите две средби од денешното коло Тиквеш беше подобар од Прилеп, победувајќи со 30-24, додека без победник заврши средбата Бисинов – Радовиш (30-30).

Се вчитува...