Пролет ја прекина серијата од три порази откако денеска убедливо славеше над Скопје со резултат 34-26, на мечот на кој младиот Алексо Лембанов дебитираше на клупата на скопскиот суперлигаш, кој минатиот викенд си замина од Пролет по поразот од Металург.„Фенерџијата“ Скопје едно полувреме солидно парираше, но во вториот дел отпорот на гостите беше целосно скршен, а домашните ракометари заслужено се радуваа на победата.
Пролет беше подобар тим она почетокот од мечот, отвори со брзо водство од 2-0, но гостинските ракометари јасно покажаа дека немаат намера да се предадат без борба. По водството на Пролет од 7-4 следеше период на подобра игра на Скопје, по што гостите за момент и го свртеа резултатот во своја полза. Лембанов побара тајмаут при 8-9, по што Пролет повторно влезе во ритам во нападот, Џонов постигна три брзи погодоци, пред крајот на полувремето прецизен трипати беше и Голубовиќ, па домашните ракометари на одмор заминаа со водство од 16-14.
Домаќините го отворија подобро и второто полувреме, набрзина стигнувајќи и до најубедливи пет гола разлика (21-16). Скопје намали на 21-18, но капитенот Ласко Андоновски погоди во вистински момент, враќајќи ја самодовербата и не дозволувајќи гостите целосно да се вратат во мечот. Домашниот стратег побара тајмаут при водство од 25-20, по што веднаш следеа уште три брзи гола и водство од убедливи 28-20. Доминацијата продолжи до самиот крај, преку Доне Мајнов домашните ракометари во 56. минута поведоа со двоцифрена предност (33-23), за Пролет на крајот да триумфира со конечни 34-26.
Иван Џонов одигра одлично и со девет гола беше главна фигура на овој натпревар, Палевски постигна шест погодоци за Пролет, додека прв стрелец на Скопје беше Мишевски со девет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА