Еурофарм Пелистер прокнижи нови бодови на суперлигашката табела триумфирајќи на гостувањето во Скопје со резултат 23-28. Битолчани повторно беа без позитивните Мараш и Обрадовиќ, но однос на последниот дуел со Ним тренерот Бабиќ повторно на располагање го имаше Периќ, кој внесе дополнителен квалитет во играта на „фармацевтите“.
Мечот почна одлично за гостите, кои по седум минути игра успеаја да поведат со 0-4. Голубовиќ беше стрелец на првиот гол за Пролет во осмата минута, а домашните ракометари изненадија влегувајќи во серија и успевајќи да стигнат и до 4-4, период во кој добро бранеше и голманот Јане Цветковски. „Пелистерци“ повторно се одлепија, поведоа со 7-10 и 10-13, но Пролет успеа да се врати и со голот на Џонов со самиот звук на сирената пред полувремето намали на 12-13.
Бабиќ реагираше на паузата, па вториот дел го почна со Секељи на голот на местото на Кизиќ, а на бековската позиција го уфрли Табоада. Унгарскиот голман во првите четири минути од полувремето му одбрани три шута на Голубовиќ, Еурофарм Пелистер повторно почна брзо да реализира на спротивната страна, поведувајќи со 13-18 пред домашниот тренер Лембанов да побара тајмаут. Пролет ја консолидираше играта, но битолчани беа премногу квалитетни за да дозволат победникот да биде доведен во праашање, на крај славејќи со конечни 23-28.
Костески со шест и Периќ и Велковски со по пет погодоци беа најефикасни во таборот на Еурофарм Пелистер, додека најдобар стрелец на Пролет беше Пецаковски со осум гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА