Пролет триумфално го стартуваше настапот во плејаутот во домашното првенство, совладувајќи го Радовиш со убедливи 32-22. Победата на домаќините во ниту еден момент не беше доведена во прашање, откако избраниците на тренерот Лембанов уште од самиот почеток наметнаа темпо што ривалите не можеа да го следат.
Домаќините на самиот почеток поведоа со 5-2, Радовиш за момент израмни на 5-5, но тоа беше се што гостинските играчи успеаја да сторат во првото полувреме. Следеше изнуден пенал и исклучување, по што Тинекс Пролет влезе во нова серија за која радовишани немаа одговор. Водството од минута во минута се повеќе се зголемуваше, одличен во овој период беше и голманот Петковски (одбранет пенал и зицер во рок од само неколку секунди), па Пролет експресно ја зголеми предноста. Водството на домашните ракометари од минута во минута се повеќе се зголемуваше, пред крајот на полувремето Тинекс Пролет пропушти неколку можности за „плус десет“ при водство од 16-7, по што Радовиш со два гола во финишот намали на 16-9.
Првиот дел од второто полувреме мина во израмнета игра, а гостите за момент намалија и на четири гола разлика (21-17). Мини-серијата на противникот ја прекина Мартин Димов, веднаш потоа прецизен беше и младиот Тотиќ, со што повторно домаќините добија на сигурност. Тренерот Лембанов во финишот им даде шанса на дел од помладите ракометари, но тоа не се одрази врз случувањата на теренот, Тинекс Пролет не само што рутински ја одржа предноста, туку и зголеми до конечните „плус десет“ (32-22).
Дејан Пецаковски беше најефикасен во победничкиот тим со седум гола, шест постигна Палевски, додека по три пати прецизни беа Димов, Мајнов и Џонов. Прв стрелец на Радовиш при денешниот пораз беше Ристов со пет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА