Пролет парираше едно полувреме, Вардар ги освои бодовите

Вардар прокнижи нови бодови на суперлигашката табела откако „црвено-црните“ славеа во денешната скопска пресметка со Пролет, на гостински терен со резултат 29-34. Избраниците на Матлиески успеаја во првото полувреме да му парираат на фаворитот, но квалитетот и искуството беа на страната на Вардар, па поранешниот македонски првак на крајот заслужено ги прокнижи бодовите.

Дуелот беше израмнет до 5-5, откако на стартот доминираа Василевски кај Пролет и Лазаревски во таборот на Вардар. Гостите се одлепија со пет гола во серија и набрзина поведоа со 5-10, но Пролет не се предаде, па со подобра игра пред крајот на полувремето на одмор замина со негатива од 14-15. Сите дилеми околу победникот беа разрешени уште во почетните минути од второто полувреме што Вардар го отвори со четири гола во низа, по што избраниците на тренерот Милано знаеја како рутински да ја задржат предноста до самиот крај и конечните 29-34.

Лазаревски беше прв стрелец на Вардар со седум гола, шест постигна Петриќ, додека најефикасни кај Пролет беа Стојановски и Палевски со по шест погодоци.

Се вчитува...