Ракометарите на Пролет триумфално го почнаа новата сезона во ракометната Супер-лига, славејќи на гостувањето против градскиот ривал Голден Арт со резултат 23-27. Отпорот на домашниот состав беше скршен во второто полувреме, кога искусниот состав на Пролет успеа резултатски да се одлепи и да стигне до заслужен триумф.
Дуелот почна со брза игра на двете страни, при што и ГА и Пролет лесно го наоѓаа патот до противничката мрежа, а ниту еден од тимовите немаше предност поголема од еден гол. Голманите Даскаловски и Петковски влегоа во ритам по десетина минути игра, а гостинскиот тренер Лембанов не беше најзадоволен од она што го гледаше од сопствениот тим, па при нерешени 8-8 побара тајмаут. Пролет се разбуди пред крајот на полувремето, поведе со 12-14, резултат при кој Палевски не реализираше седмерец, по што Трајковски погоди со звукот на сирената, па домашниот тим замина на одмор со само еден гол негатива (13-14).
Вториот дел почна како крајот на првото полувреме, со промашен пенал на Пролет (овојпат Пецаковски не беше прецизен од седум метри, трет нереализиран седмерец на гостите од четири обиди). Гостинскиот состав успеа да се одлепи, па при водство од 17-20 домашниот тренер Матлиевски побара тајмаут. Пролет погоди уште еднаш преку Јагуриновски за најубедливи 18-22, но ГА не се предаде, па намали на 20-22, резултат при кој Лембанов побара минута одмор за консолидација на тимот на Пролет. Тоа беше доволно за гостинскиот состав да се консолидира и да го исконтролира резултатот до самиот крај и конечните 23-27.
Јагуриновски со шест гола беше најефикасен во победничкиот тим, по пет погодоци постигнаа Димов и Палевски, додека кај ГА се истакнаа голманот Даскаловски во одбраната и Илиев и Шилегов со по шест гола во нападот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА