Пролет промовираше четири нови засилувања за новата сезона (ФОТО)

Екипата на Пролет се засили со четири нови ракометари во пресрет на претстојната натпреварувачка сезона во која повторно ќе биде дел од Суперлигата на Македонија.

Поранешниот македонски репрезентативец Марко Мишевски е нов ракометар на Пролет. Мишевски, кој настапува на бековската позиција, е поранешен играч на Металург и Вардар, а како член на „црвено-црните“ стигна и до трофеј во Лигата на Шампионите. Последниот ангажман го имаше во Франција, а овој трансфер претставува негов камбек во мак-ракометот.

И Марко Трајковски е ново име откако 23-годишниот пивот го стави својот потпис и се враќа назад во клубот за кој настапуваше како младинец. Тој минатата сезона ги бранеше боите на Борец Велес, а претходно има настапувано и за Бутел, Јуниор КВ, Тиквеш, Голден Арт…

Бојан Солев е нов чувар на мрежата кој заедно со Даскалоски ќе го сочинува голманскиот тандем во Тинекс Пролет. Станува збор за голман роден 2000 година кој минатата сезона настапуваше во Борец Велес, а претходни имаше неколку ангажмани во пониските германски лиги.

Квартетот на засилувања Пролет го заокружи со Кристијан Давитковски, искусниот десен бек кој до пред две години ги бранеше боите на клубот, потоа реши да се пресели во Бутел од каде сега се врати назад во нашиот тим.

Во однос на ланскиот играчки ростер, тимот летово го напуштија пивотот Стефан Атанасовски и голманот Андреј Петковски, на кои им посакуваме многу среќа во следните чекори во кариерата.

Се вчитува...