Пролет е првиот учесник на завршниот фајналфор турнир од Купот на Македонија откако избраниците на тренерот Лембанов го добија вечерашното финале во групата со Еурофарм Пелистер 2 со резултат 30-26, за пласман меѓу најдобрите четири екипи во ова натпреварување. Пресудно се покажа второто полувреме во кое Пролет одигра беспрекорна одбрана на чело со голманот Петковски, трасирајќи си го патот кон победата.
Дуелот почна со рано водство на битолчани од 2-0, по што избраниците на тренерот Зарков одржуваа минимално водство во текот на првото полувреме. Пролет за првпат поведе со 11-10, по што домаќините подобро го финишираа полувремето и на одмор заминаа со водство од 14-12. Тоа беше само мотив повеќе за избраниците на Лембанов да одиграат беспрекорно второ полувреме. Во клучните моменти беспрекорно функционираше одбраната, Петковски одбрани неколку удари, додека на спротивната страна Ласко Андоновски одлично диригираше со нападите на својот тим, а неколку важни голови во периодот кога Пролет создаваше недостижна предност постигна десното крило Димов.
Скопјани поведоа со 23-16, неколку минути подоцна имаа и 26-18, максимално користејќи го заморот на битолчани, кои денеска го играа и својот полуфинален меч од овој турнир, против Радовиш. Пролет знаеше како рутински да го приведе мечот до крај и заслужено да слави со 30-26, за одличен успех, уште повеќе ако се знае дека овој клуб летово ги продаде Аларов, Јагуриновски и Џонов, но и со значитено подмладен состав успеа да стигне до фајналфор во Купот на Македонија.
Димов со седум гола беше најефикасен во таборот на Пролет, шест постигна Пецаковски, а четири пати прецизен беше Палевски. Кај Еурофарм Пелистер 2 најдобар поединец во денешниот дуел беше Мартин Ивановски со осум постигнати голови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА