Пролет реди победи, освоена и Битола

Ракометарите на Пролет продолжијата со серијата добри игри во Супер-лигата, славејќи на гостувањето против Еурофарм Пелистер со 23-25. Овој дуел претставуваше директна битка за второто место во групата, а скопскиот клуб заслужено стигна до бодовите, нанесувајќи им го на битолчани првиот пораз на домашен терен оваа сезона.

Гостите од Скопје делуваа особено импресивно во првото полувреме, во кое Пролет цело време го контролираше резултатот. Избраниците на Лембанов поведоа со 1-3, Еурофарм 2 во неколку ситуации се приближи на само еден гол негатива, но „пулените“ на Јовиќ во ниту еден момент не го свртеа резултатот во своја полза. Клучен период на натпреварот беше финишот од првото полувреме, во кое домаќините цели 11 минути не постигнаа гол, а Пролет предводен од одличниот Петковски на голот се одлепи и поведе со 7-12.

Гостинскиот состав на одмор замина со водство од 9-14, по што умешно ја одржуваше позитивата и во голем дел од второто полувреме. Пролет имаше 15-20, кога Еурофарм Пелистер 2 почна да се враќа во мечот и дојде на само еден гол разлика (22-23). Скопјани сепак го издржаа завршниот притисок и заслужено стигнаа до нови бодови, за втор овосезонски триумф над овој ривал и џиновски чекор напред кон осигурување на второто место во групата.

Џонов со шест гола беше прв стрелец на Пролет, пет погодоци постигна Димов, а по три пати прецизни беа Андоновски, Палевски, Јагуриновски и Аларов. Најефикасни во таборот на Еурофарм Пелистер 2 беа Ивановски со шест и Петровиќ со четири погодоци.

Се вчитува...