Ракометарите на Пролет во четвртото коло ја забележаа својата трета победа во плејаутот од македонскиот шампионат, триумфирајќи на домашен терен над Куманово со 24-20. Домаќините важеа за фаворити на овој меч, оправдувајќи ја таа улога пред се благодарение на цврстата одбрана на чело со голманот Даскалоски.
Кумановци парираа, се обидуваа да сторат нешто повеќе, но задачата им беше сериозно отежната откако Лука Матачиќ доби црвен картон уште во осмата минута од овој натпревар. Пролет успеа да се одлепи по дваесетина минути игра, кога домаќините од 3-4 стигнаа до 8-5. Мајнов и Василевски постигнаа значајни голови пред крајот на полувремето, за Куманово да ги постави конечните 11-8 со голот што од десет метри преку жив ѕид го постигна Симоноски.
Домашниот состав подобро го отвори вториот дел, поведувајќи со 15-10, по што избраниците на Матлиески рутински ја одработеа задачата до крајот, лесно контролирајќи го резултатот и не дозволувајќи разликата во ниту еден момент да падне под три гола. Шилегов постигна два атрактивни гола во завршните моменти, за конечна победа на Пролет од 24-20.
Шилегов, Стојановски и Палевски со по пет гола беа најефикасни во таборот на Пролет, додека кај Куманово во нападот се истакнаа Филипе и Гилјерме со по седум погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА