Ракометарите на Пролет славеа во скопската пресметка против Бутел со резултат 22-20, исход со кој домашниот состав го осигура четвртото место на табелата не сакајќи да зависи од исходот на мечот Вардар – ГА (на кој „вардарци“ на крајот славеа, оставајќи го составот на ГА на петтата позиција). Избраниците на Јовиќ го одиграа најдобриот меч откако овој стратег дојде на клупата на Пролет, беа подобар ривал во второто полувреме и заслужено стигнаа до победата.
Првите 30 минути донесоа израмнета борба, двата тима се менуваа во водство, а Бутел во неколку ситуации имаше „плус два“, но Пролет успеа да се врати и на одмор да замине со израмнети 13-13. Советите на Јовиќ на паузата дефинитивно вродија со плод откако Пролет заигра супериорно на стартот од второто полувреме, со серија од пет гола поведувајќи со 18-13. Бутел се консолидираше, пред крајот стигна до 20-19 и 21-20, но Василевски постигна клучни голови за Пролет, носејќи ја победата на домашниот тим.
Капитенот Ласко Андоновски го предводеше Пролет со пет гола, по три постигнаа Палевски, Димковски и Пецаковски, додека прв стрелец на поразениот Бутел беше Михајловиќ со седум погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА