Ракометарите на Пролет стигнаа до втората суперлигашка победа сезонава откако на домашен терен триумфираа над Куманово со резултат 28-25. По двете тешки пресметки со Пелистер и со Вардар во претходните рунди, избраниците на Јовиќ се мачеа да влезат во ритам, кумановци одлично им парираа, но квалитетот на Пролет придонесе домаќините во клучните моменти да се одлепат резултатски и на крајот заслужено да ги освојат бодовите.
Куманово имаше водство од 6-8 кога Јовиќ го побара првиот тајмаут на натпреварот, но гостите го контролираа резултатот се до 9-12. Тогаш Пролет конечно го крена нивото на одбрана, што донесе и лесни голови на спротивната страна по што Димковски од контранапад израмни на 13-13. На одмор се замина со предност на Тинекс Пролет од 16-15, домаќините во неколку наврати имаа „плус два“на стартотод вториот дел, но кумановци покажаа карактер на овој натпревар, не предавајќи се во ниту еден момент.
Гостите целосно парираа се до минималното водство од 20-21, кога Пролет направи серија од 5-0, резултатски се одлепи и си го трасираше патот до победата на која печат со два гола во финишот стави Мице Шилегов.
Андреј Стојановски беше најефикасен кај Тинекс Пролет со шест погодоци, по пет постигнаа Василевски, Шилегов и Бахар, додека прв стрелец на Куманово беше Давид Димевски со фантастични 15 погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА