Пролет со цврста одбрана до триумф над Радовиш

Пролет забележа нова победа во ракометната Супер-лига откако тимот предводен од Матлиески вечерва беше подобар на домашен терен од Радовиш со резултат 23-19. Радовишани ги засилија своите редови во текот на зимава со цел да се борат за опстанок, но вечерва беа немоќни против расположениот домашен состав, кој благодарение на цврстата одбрана стигна до победата.

Мечот почна со подобра игра на домашниот тим, кој во 10. минута имаше 4-2, а потоа предводен од Василевски стигна и до четири гола предност (9-5). Радовиш покажа карактер и успеа да се врати, израмнувајќи на 10-10, потоа и на одмор заминувајќи со израмнети 11-11.

Второто полувреме повторно почна со подобра игра на домаќините, кои во 43. миунта имаа водство од 16-13. Гостинскиот тренер Котевски зеде тајмаут и Радовиш ја стабилизираше играта, намалувајќи на 18-17 на седум минути до крајот. Во тој момент Матлиески побара тајмаут, по што Пролет го крена нивото во одбраната, во нападот неколку гола во финишот постигна пивотот Атанасовски и домашниот тим заслужено ги освои бодовите на овој натпревар.

Се вчитува...