Пролет спаси бод со Бутел, судиите од куп-финалето повторно под лупа (видео)

Пролет и Бутел ремизираа 23-23 во скопската пресметка во претпоследното коло од ракометниот плејоф, меч што ќе остане запаметен по одлуката на судиската двојка Металари – Николовски и пеналот за Пролет во последната секунда, поради наводното задржување на топката на Мајиќ при последниот напад на Бутел. Само за потсетување, истите арбитри за иста ситуација беа критикувани во куп-финалето, Еурофарм Пелистер дури и поднесе приговор што не беше досуден пенал, со црвен картон за Талески, па денеска Металари и Николовски се решија за токму таква одлука иако Мајиќ не направи речиси никаква опструкција по судискиот свиреж.

Натпреварот почна со подобра игра на гостинските ракометари, кои ги казнија грешките на Тинекс Пролет и набрзина поведоа со 1-4. Тајмаутот што го зеде тренерот Лембанов вроди со плод, Тинекс Пролет веднаш заигра далеку подобро и за само неколку минути го сврте резултатот во своја полза, поведувајќи со 5-4. По исклучувањето на Василевски следеа два гола од пенал на Бутел и ново водство на гостите, кои во неколку ситуации имаа и „плус два“ (6-8, 8-10, 9-11). Пролет повторно покажа карактер и со мини-серија од три гола го сврте резултатот во своја полза. До крајот на полувремето се играше квалитетно на двете страни, за со голот на капитенот Ласко Андоновски на одмор да се замине со израмнети 13-13.

Бутел го отвори второто полувреме со брзо водство од 13-15, но Тинекс Пролет повторно знаеше како да возврати, па домаќините со три гола во низа (два од пенал на Палевски) поведоа со 16-15. Гостите повторно влегоа во мини-серија, па тренерот Лембанов беше принуден да побара тајмаут при негатива од 17-19. Пролет продолжи да се бори, Бутел го одржуваше водството, па со голот на капитенот Андоновски домаќините намалија на 22-23. „Бутелци“ не реализираа, но и Тинекс Пролет не го искористи својот напад за израмнување, откако Андоновски под закана од пасивен напад го погоди дирекот од противничкиот гол.

Бутел имаше последен напад, Мајиќ ја загуби топката и се чинеше дека дуелот е готов, кога Николовски и Металари решија повторно да се најдат во центарот на вниманието, по кратка консултација исклучувајќи го гостинскиот ракометар и досудувајќи седум метри за Пролет. Циркусот не заврши тука, Палевски погоди за 23-23, но судиите решија дека тој мора да го повтори ударот од седум метри. Левото крило на Пролет повторно беше прецизено, за конечни 23-23 на оваа скопска пресметка.

Давор Палевски со 10 гола беше најефикасен во таборот на Тинекс Пролет, шест погодоци постигна Василевски, а три капитенот Андоновски. Најдобри поединци кај Бутел беа Николов со девет и Јевтиќ со пет погодоци.

Погледнете ја ситуацијата во самиот финиш и самите проценете дали судиитеа беа во право…

 

 

Се вчитува...